Како
и сите останати човечки суштества на оваа преубава планета, и
јас едно време бев само желба во главите на мама и тато. Се родив
во Скопје во времето кога ехо-апаратот беше сеуште фантастика,
а мама и тато како да знаеле дека ќе се роди девојче, па уште
пред да се родам веќе имав име. Сега го имам најубавото, а поради
Хичкок и најхорор име - Ребека.
Музиката
ја откривав со помош на татко ми, а една од моите први плочи беше
The Wall. Со тек на време сватив дека без музика не можам
да живеам, како ни без љубов. Тогаш сонував за многу работи, светот
ми изгледаше огромен, но и розов, каков што му изгледа на скоро
секое дете. За мене моите велат дека никогаш не сум била дете,
уште оттогаш мојот живот беше необичен. Покрај моите ангажмани
во медиумите, постојано бев во контакт со луѓе од светот на музиката,
филмот, новинарството, бидејќи обата мои родители работеа во МРТВ.
Уште
од седумгодишна возраст сакав да се сликам и да ме снимаат. Моите
први јавни појавувања пред објективот на камерата беа во РТС (сегашна
МРТВ), во ТВ Речник, емисија за деца, а потоа во наредните шест
години зборував пред микрофонот во Македонското Радио, во рамките
на Детското драмско студио - Детска радио драма. Снимив безброј
радио емисии, глумев во неколку радио драми и за сето време слушав
и учев.
Првата
песна која јавно ја испеав на ТВ беше Недопирлив, бендот
се викаше Ребека, а лидер беше Дуке Бојаџиев. Во тоа време
- 1987 година, 3 Февруари, групата Мизар беше многу ин, а една
од малкуте наши живи свирки беше токму како нивна предгрупа на
нивни концерт. Бендот Ребека постоеше многу кратко, околу една
година.
Пред
да ја снимам песната "Што ми направи", бев поканета
од групата "Peace Brothers" да отпеам две песни на нивниот
албум, а една од нив беше песната "Скопските девојки",
која потоа стана голем хит.
Наредна
песна беше Што ми направи, во 1992, и беше голем хит, по
која следува пауза кога се запишав на студии по новинарство. Како
дете мислев дека новинар е продавач на новини во трафика, но со
тек на време сватив дека е подобро да се биде чесен продавач на
новини во трафика отколку нечесен новинар. Новинарството и водителството
ги искусив на неколку наврати и во различни изданија (1990 во
квизот Ало магија на МТВ, 1993 пишував прилози за Пулсирања, 1996
на Канал 3 емисија Успешни жени, а потоа работев како водител
и во три радија, Пинк, Топ ФМ и Мега).
Големото
враќање кон музиката го направив во 1996, со песната Мачо, а истата
година, благодарение на МТВ, се оствари еден од моите сништа -
настапив на иста сцена со тогаш најголемите светски имиња во забавната
музика - Back Street Boys, The Kelly Familly, Gina G, Take That,
а од бившите ју-простори Парни Ваљак, Ања Рупел и други, во Домжале,
Љубљана. Истото лето, поради моето учество, фестивалот Сунчане
скале го доби призвукот интернационален фестивал, по што следуваа
гостувања во повеќе емисии на РТС. Таа година Мачо ги сруши сите
дотогашни рекорди на Македонските топ листи, останувајќи цели
30 недели на првото место на топ листите, а се појави и на топ
листите во Љуљана и Белград.
1996
беше година кога се втемелуваше новиот поп-саунд на овие простори.
Беше крајно тешко да се работи, спонзори немаше, едноставно, никој
не веруваше дека нешто сериозно ќе се работи на ова поле. Сепак,
треската почнуваше, и тоа на чело со Дарко Димитров како композитор
и јас како изведувач. Мојот тим цврсто веруваше дека ќе се постават
стандарди на квалитет кои ќе побудат интерес кај многу други таленти
да тргнат по нашите стапки - а токму тоа и се случуваше.
Наредната
година, 1997, излегоа неколку нови песни. Сакам нешто жешко е
римејк на познатиот хит на Дона Самер - Hot Stuff, повторно нова
треска по топ листите и повторно многу настапи. Extasy, композиција
на Влатче Киборг, која во недостиг на универзален еротичен призвук
на македонскиот јазик е испеана на англиски, излезе истата година
и си го најде своето место на брановите на 103-ка.
Правата треска започна летото 1998 година со песната Обиди се,
насловната нумера од истоимениот албум, ремек дело на Дарко Димитров,
а по текст на Принц. Во соработка со Дејан Миличевиќ е изработен
и спотот кој направи револуција на видео спотовите во Македонија.
Повторно многу настапи по дискотеките низ државата, но и уште
поголем мотив да се продолжи понатаму.
На
Макфест 1998 година се појавив со песната Во исчекување, која
беше наградена за најдобар текст (Светлана направи навистина фантастичерн
текст). По ова беше крајно време да се појави албумското издание,
кое сите го очекуваа. Промоцијата беше на 21.12.1998, а по неколку
месеци се појави и мултимедијалното ЦД издание - прва македонска
музичка мултимедија, на која сум особено горда.
Во текот на 1999 се случија многу убави работи: излегоа на видело
спотовите за Фантазија и Покажи ми, треската по топ листите продолжи,
албумот беше прогласен за деби-албум на годината, а песната Обиди
се по сите параметри беше најслушаната песна. Сума сумарум, албумот
Обиди се го достигна зенитот кој сакам да го надминам со новиот
албум, кој треба да се издаде оваа есен. Од вкупно девет песни,
седум го достигнаа врвот на топ листите. Фантазија беше испеана
и на турски јазик, постои и видео верзија на турски, а ја пеев
на Финалната вечер на изборот на Miss Globe во Истанбул и на фестивалот
во Ајвалик, каде истата вечер кога јас настапував, настапуваше
и една од најголемите турски ѕвезди, Хулија Авшар. Оваа година
беше и моето прво гостување на концерти на една од најголемита
ѕвезди на бившите YU простори, Оливер Драгоевиќ. Пораката беше
во дует "Вјеруј у љубав" по мој избор. Се случи и "Наше
маало", проекткаде што зедов учество и како пејач, но и со
мала улога како актер во истоимената серија за деца. Песната ја
испеав на мое задоволство со Есма и Ерзана.
ГОЛЕМАТА ПРЕСВРТНИЦА
2000
година беше година кога се појавија многу нови пејачи, кога излегоа
многу убави, но и многу лоши песни. Не ми се брзаше да веднаш
издадам нов албум, сакав малку да одморам, но и да размислам дали
да продолжам со поп-денс стилот, кој ми е мене омилен, или да
за некое време се тргнам малку од него и влезам во ново издание.
Мојот тим заклучи дека е подобро да се започне со нов саунд, кој
би ја опфатил и попробирливата публика. Експериментот започна
со песната Едно, урбан-рок остварување кое публиката веднаш го
прими. Околу патешествијата за снимањето на спотот за оваа песна
нема да зборувам, бидејќи многу има за пишување, па потоа фестивалот
Будва 2000 ми дојде како одмор.
Следеше турнијата со Македонски Телекомуникации, најголемиот музички
спектакл во Македонија некогаш направен, како и мини заедничката
турнеја со Тоше, Каролина, Андријана, Војо Стојановски и Васка
Илиева во Австралија.
Нешто
убаво е песна на која најдолго сум работела досега. Гаро и
Дики Тавитјан направија фантастичен аранжман, и дојде време да
се прави спот. Со голема помош на моите пријатели Драган и Весна
се собраа средства за снимање, се снимаше пет дена со голема екипа,
долго се монтираше, за на крај тотално да се разочарам во професионализмот
на Иво, Изи и Игор. Буџетот се потроши на бензин, статисти и останати
продружни глупости за снимање, спотот беше навидум ОК, но никако
не одговараше на песната, иако сценариото беше фантастично. Авторот
на песната, Игор Џамбазов, мојот тим и Бане одлучија да се прави
нов спот, а резултатот го гледате сеуште по ТВ каналите.
При крајот на Јуни
2001, добов покана од браќата Бањанин, организаторите на Фестивалот
во Зрењанин, да учествувам на тој фестивал. Зрењанин и не е некое
туристичко место, меѓутоа списокот на интернационалните пејачки
имиња беше голем предизвик да се учествува таму. Воопшто не се
покајав што отидов, настапив со песната Едно и без проблем влегов
во финалето. Имено, сите претставници од нашата земја влегоа во
финале, значи покрај мене, тоа беа Каролина и Илија Псалтиров.
Додека бев таму, добив и покана за фестивалот Корчула 2001 (Август)
и покана за Мисс Бикини Малта (Септември), но поради личната трагедија
на еден човек од мојот менаџмент тим сето тоа се одложи за друга
година.
Не сакам да знам
е наредниот чекор. Дарко направи фантастична песна, брзо се договоривме
со екипата на Дејан Миличевиќ и во Јули 2001, на песочните предели
на Ада Бојана го снимивме спотот.
Спотот излезе во ноември , а веднаш потоа заминав на турнеја во
Австралија (Сиднеј , Мелбурн , Перт) . На турнејата бевме петнесет
дена, а концертите беа добро посетени (13-14 000 луге). Од Австралија
моето патување веднаш продолжи во Истамбул кадешто настапив на
Model of the Universe како единствен пејач од странство . Се представив
со две песни од мојот репертоар (Небо Синило , Не сакам да знам
, но ја испеав и Зајди, зајди) . Мислам дека на најубав можен
начин ја представив мојата земја . По мојот настап бев и гостин
во неколку шоу програми, а веќе ја добив поканата за Мис Интернет
2002, кој ќе се одржи во монденското летувалиште Чешме во почетокот
на Јуни.
На 24.12.2001 го промовирав мојот нов албум. Тоа беше ден кога
падна најмногу снег во последниве 30 години во Скопје, што не
поколеба околу 500 мои драги гости да присуствуваат на промоцијата.
Последниве неколку дена подготвуваме сценарија за следните неолку
нови спота, и ги правиме првичните планови за концертите кои треба
да ги одржам оваа година. Првиот сингл од албумот излезе со видео
спот во март, "Другата страна на љубовта", и потоа многу
гостувања по српските ТВ куќи (Пинк, БК) во неколку емисии. Во
мај се појави вториот сингл "До следниот пат", со видео
спот во режија на Дејан Миличевиќ со помош на TOYOTA. "Небо
синило" е третото видео издание оваа година и спот кој беше
снимен на милениумскот крст на Водно. Во тек се и подготовките
за новиот спот кој треба да излезе до крајот на годинава со голема
поддршка од Oriflame за песната "Ми треба само љубов",
во изведба на 3D.
Во јануари 2003,
е промовиран спотот за песната "Ми треба само љубов".
Во февруари, се одржа прес конференција, и тоа беше официјално
објавување за мојот влез во "Fianl Cut" продукција.
Во февруари, потпишувам годишен договор со TOYOTA, што значи дека
слецната година возам само TOYOTA, или поточно TOYOTA Corolla.
Во март, концерт во Цирих. Во април во Лондон, гостин на концертот
на Жељко Јоксимовиќ, заедно со Тоше Проевски. Крајот на април,
повторно Швајцарија, Цук и Берн. Во јуни се случи турнејата (трета
по ред) во Австралија, односно имавме седум концерти во Мелбурн,
Сиднеј, Перт и Аделаид. Во септември решавам, по неуспешната соработка
со "Fianl Cut", да продолжам сама, бидејќи во осум месеци
не се реализира ништо освен тоа што снимивме две песни од Никола
Коџобашија. Декември, 2003 излезе новиот сингл "Твоја листа",
кој беше промовиран неколку дена пред новата 2004 година.
Во април 2004 година започна кампанња на издавачката куќа Табернакул која се состоесе од три рекламни спота. За два од нив Ребека го направи сценариото . Истиот месец таа стана колумнист . Започнувајќи со априлскиот број започна соработката помеѓу Ребека и Форум , а колумната одеше со насловот Феномените според Ребека .
Во летото 2004 година излезе синглот Лето и видео спот за истиот. Уште по првата недела по пуштањето на синглот Лето беше на првото место на топ листите во Македонија цели два месеца.
Од ноември 2004 до јули 2005 Ребека беше фокусирана на ТВ емисијата Поинаква., како автор, водител и продуцент на емисијата.
Во ноември синглот Ли дуду продуциран со ДДалтонс беше издаден, задржувајќи се на врвот на топ листите уште втората недела по пуштањето. По стабилизирањето на односите помеѓу членовите на ДДалтонс, видео спотот за Ли дуду беше пуштен.
Во декември 2004 Ребека беше во Словенија да го сними дуетот со Словенскиот пејач Џани Ријавец. Песната носи наслов Приказна за мирот и љубовта. За време на нејзиниот престој таа беше специјален гостин во неколку ТВ емисии и имаше неколку интервјуа. Џани Ријавец е основач на Мировната Фондација Бел Гулаб, исто така и композитор на песната Приказна за мирот и љубовта, а Ребека стана почесен член. Во фебруари 2005, за Свети Валентин, тие направија концерт во Љубљанската Филхармонија. Оваациите од публиката беа искрени, па така песната која беше замислена да биде само химна на Фондацијата стана и хит на Словенешките топ листи и самиот тој факт наложи да се изработи видео за истата.
Видео спотот беше промовиран во септември во Словенија и Македонија. Веќе се врти на ТВ станиците. Во август Фондацијата направи уште еден концерт, но овој пат во Трново, до Нова Горица, историско место од Втората Светска Војна. Ребека беше гостин и на овој концерт. Концертот беше одличен, присуствуваа околу 2500 луѓе и буквално немаше место каде да се застане. Концертот беше пренесуван на Националната Телевизија. Вечниот Оган на Мир и Љубов и статуата која беше направена да ја симболизира идеологијата за мир започна да се шири во Словенија и ќе продолжи понатаму.
Во Јули, од 12 до 20, Ребека беше почесен гостин на најголемиот музички Фестивал на Славјанските народи, Славјански Базар, во Витебск, Белорусија. Настапуваше во ревијалниот дел на Финалната вечер и беше член на жирито на детскиот фестивал.
Во меѓувреме Ребека направи неколку концерти низ Македонија. Во почетокот на Август на манифестацијата Ноќ со звездите, ја доби наградата Вечна Поп Атракција. Таа исто така продолжи да ги пишува колумните за машко- женските сексуални односи, за страницата наречена Феномените според Ребека, втората најчитана колумна во Форум.